Вечер (1.11.2022) со почеток во 20:00 часот во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности (бул. „8 Септември“, бр. 10) во Скопје ќе се отвори самостојната изложба на младиот уметник Стефан Младеновски насловена како „Сетилни ескпресии“.
Стефан Младеновски е млад графичар кој има изложувано на повеќе групни изложби во Скопје, но овој пат ќе се претстави самостојно. За повеќе да се запознаете со Младеновски отидете на овој линк, каде што е интервјуто (дијалогот) со него и дел од неговите дела. Во продолжение можете да прочитате еден извадок од најавата за оваа изложба.
„Воден од примарната емоција која треба да е цел на овие веќе постигнати резултати, целосно ги изоставив фигуративните посочувања и делумно асоцијативните форми. Но сепак, секако, според карактерот на самите елементи кои се содржани внатре во делата, тие се метафора на случувања во природата или мислата. Композициски на прв поглед овие графики се решени едноставно, воочливо е геометриското градење на конструкцијата кое е своевидна паралела на конструктивната промисла при траењето на графичките практики. Строгите хоризонтали/вертикали ја сечат композицијата на „горе – доле“ или „лево – десно“ со што веднаш до израз доаѓаат предвоени површини кои потоа ќе подлегнат на понатамошно реагирање. Точката или нејзиното продолжено движење – линијата, како главни и појдовни елементи, се и главни носители на овие композиции. Зависно ситуацијата некаде се појавуваат самостојно, некаде како взаемен сплет формираат одредени знаковни забелешки, а некаде преку нивно мултиплицирање е оформена одредена површина. Контрастот во овие дела е воочлив на два начина, како „црно – бело“, но и како „статичност – движење“ што веднаш сугерира на таа различност која првенствено се стремам да ја прикажам. Спуштеното ниво кое е прилично застапено создава блага релјефност, која пак создава чувство на тродимензионалност и длабочина, кои се „директна слика“ на една умствена психолошка слоевитост која на површината и дава специфична комплексност. Графичките феномени „црно на црно“ и „бело на бело“ се одраз и претстава на дел од личните животни ситуации, животното и ликовното искуство се целосни преточени во овие дела кои се мое огледало. Претставите во овие графики истовремено може да приуштат чувство на смиреност, но и видлив немир.“
Одете и посетете ја изложбата „Сетилни експресии“.