Секој човек уште од мали нозе се запознава со културата и уметноста. Учениците во предшколска и од најрана школска возраст се среќаваат со поимите библиотека, театар и кино, кои претставуваат културни институции. Најмладите ги посетуваат библиотеките со цел да ги прочитаат лектирите кои им се задолжителни во распоредот на школската програма. Често посетуваат и приватни ликовно-уметнички школи, каде после редовната школска настава, цртаат, сликаат, се запознаваат со уметноста, ги вежбаат техниките на цртање и боење, ја запознаваат својата имагинација, се запознаваат со своите идеи и интереси и непосредно се дружат, се забавуваат и комуницираат со нивните врсници. Од театарските уметности, во програмата на основните училишта е учениците уште во најмалите одделенија да посетат некоја театарска претстава за деца, било да е куклена или не. Театарот е од исклучителна важност во развојниот период на децата-детството, бидејќи има улога во воспитувањето, образованието и развојот на критичкото мислење кај децата. Претставува моќен уметнички канал за изразување на чувство на страв, сожалување, смеа, лутење и среќа, па затоа има значајно влијание врз децата. Исто така, децата во нивните игри со другарчињата, често пати си задаваат ,,улоги“, па затоа може да се каже дека концептот на театарската претстава не им е непознат на децата. Иако децата гледаат филмови, цртани и анимирани филмови и дома, нивната посета на кино за нив претставува сосема друго и ново искуство. Некои се изненадени од темнината, некои сакаат да го задржат истиот комодитет како дома, некои се препуштаат на играта заборавајќи на филмот. Посетувањето на културни настани во културни установи, детето го доживува како ново, инспиративно, незаборавно и чудесно искуство.
Во културните установи чести посетители се и други возрасни групи, меѓу кои спаѓаат и тинејџерите, адолесцентите и повозрасната група на граѓани. Без разлика во која старосна група припаѓаат, љубителите на уметноста и на културните настани имаат можност да бираат каков вид на настан ќе посетат во согласност со нивните желби и потреби, односно што нивното око сака да виде, а што нивното уво треба да слушне. На пример, пензионерите не се социјализираат само преку прошетките во парк, туку и преку гледањето на нивните внуци како учесници во некоја балетска престава или пак преку посетата на некоја театарска претстава, каде можат да научат нешто ново и да се запознаат со општествените проблеми денес.
Младите пак, се забавуваат на концертите на нивните омилени музички групи, на фестивали и свирки, присуствуваат на различни изложби на современата уметност, разговараат за денешните урбани трендови, разменуваат различни мислења и ставови за повеќе теми, размислуваат за актуелните еколошки борби во придружба на добро друштво и по некој пијалок во рака. Местата на кои може да се погледне и да се научи нешто ново, но и каде што има бар за продажба на пијалоци во самиот комплекс на самата установа, се најпосетувани од страна на младите.
За да се овозможи планирање во културата и уметноста, потребно е да се истражи моменталната состојба на културниот живот на сите друштвени слоеви, со посебен осврт на младите, бидејќи тие претставуваат носители на општествениот развој во иднина. Исто така истражувањето треба да послужи како основа за правење на база на податоци за културниот живот и културните потреби на младите генерации.
Младите се почесто треба да посетуваат културни настани кои ќе им овозможат да се изградат како индивидуи, да се образуваат, да ги прошират своите гледишта, да се запознаат себеси и другите околу нив, да комуницираат и да се социјализираат меѓусебно на тие настани, било да станува збор за концерт, театар, кино проекција, балет или опера или пак посета на некоја изложба во некој музеј. Несомнено е дека младите сакаат да се дружат и забавуваат и тоа не претставува никаков проблем, проблемот лежи во тоа колку финансиски средства му се потребни на еден млад човек за да си овозможи посета на некој од настаните од ваков карактер.
Во нашата држава конкретно нашиот главен град Скопје се чини дека располага со организација на поголем број културни настани во однос на помалите градови на нашата територија. Се организираат настани во кои секој поединец може да се пронајде, со различна тема за обработка и различен предмет на интерес. Младинскиот културен центар или МКЦ е основан во 1972 година под името ,,Дом на млади”. Основната задача и цел на МКЦ е промоција на културата, културните вредности и научните вредности на младите. Со богата програма (музика, филм, театар, литература), научна дејност, работилници и предавања МКЦ зазема битна позиција за животот на младите луѓе во градот Скопје. Секој млад човек кој живее тука, барем еднаш го посетил овој центар за млади. Впрочем тука има и најголема концентрација на младински настани, најразлични промоции и најмногубројна публика.
Драмскиот театар во Скопје, Македонскиот народен театар или МНТ, Театарот за деца и младинци нудат театарски претстави. Покрај овие јавни културни установи има и некои други независни театарски трупи како ,,Штрих’’, театарот ,,Златен елец” итн. Во кино салите како на пример кино Милениум, кино Фросина или во Домот на АРМ можат да се погледнат некои филмови. Во Македонската опера и балет, како и во Македонската филхармонија, може да се погледне некоја балетска престава или пак да се чуе некој камерен концерт. Музички настани се организираат и во независните културни центри, каде може да се слушне музиката која ја креираат членовите на некој нов млад бенд т.н свирки, каде исто така се организираат и најразлични промоции на книги и списанија. Во тие центри, неретко се организираат и настани за продажба на накит или пак облека, цртежи или илустрации од некои артисти. Хуманитарните настани се исто така дел од програмата на овие независни центри. Еден таков центар кој организира вакви настани е Социјалниот центар „Дуња“, културниот простор „Јадро“ каде можете да се дружите, да слушнете добра музика, да се напиете пиво.
Желбата на младиот човек за да се запознае со културата и да ѝ се доближи е непресушна, но што станува со финансиските потреби кои ги има секој млад човек за да си ја дозволи посетата на овие настани и колку пари треба да издвои за билет?
Ако се разгледа детално за средствата кои се потребни за да посетите културна установа, може да се забележи дека една карта за театарска претстава во погоре наведените театри изнесува 300 денари, цена на билет во кино сали изнесува од 150-300 денари. Цената на билетот во МОБ изнесува од 400 денари па нагоре. Независните настани чинат приближно колку и цена на карта за во опера, бидејки на голем дел од тие музички настани, се служат и пијалоци па човек треба да си купи пијалок за да не ожедне.
Овие културни настани ги посетувате со вашите пријатели, партнери и слично. Откако ќе погледнете некоја претстава или ќе заврши кино проекцијата, најчесто секој млад човек сака дружењето да го продолжи и понатаму во ноќта, за да продискутирате за претставата/филмот, за тоа дали филмот ви се допаднал или не, за начинот на изведба на театарската претстава, па и доколку ви се допаднала, да се договорите со вашето друштво за повторно следење на некоја претстава.
Честопати, во секојдневието во разговор со повозрасната група на граѓани, нашите блиски, ќе слушнеме дека кажуваат како во социјализмот живееле многу подобро од начинот на живот што го имаат денешните млади луѓе. Кога ќе ги запрашате зошто? Ви кажуваат дека сите биле еднакви, без разлика на материјалните добра во нивните домови, сите се облекувале исто, немало изразеност на класни разлики како сега, живееле скромно и среќно. Веројатно повеќе тагуваат по младоста од што тагуваат по социјализмот, но кога ви кажуваат, можете да почувствувате дека се јавува некоја возбуда за тоа колку тие времиња биле убави. Надоврзувајќи се кажуваат дека во нивно време немало кафулиња и барови, па после некоја театарска претстава тие пешачеле и разговарале. Во тоа време дружењето во кафулиња или ресторани за нив било несекојдневно. Не секогаш имале можност да бидат постојано информирани за сите збиднувања преку мобилните телефони. Тоа создава некаква слобода во однос на тоа кој што сака да слуша или гледа. Распределбата на добрата не била со денешниот драстичен јаз, а времето од крајот на претставата до перницата било исполнето со прошетки, со безделничење на јавни места, што и денес се призвучни, на пример „Ве-пе-ше“ во Битола, „Коцка“ во Скопје итн…Тие навики овозможувале човек да не падне во денешниот класичен консумеризам.
Младите луѓе денес, тоа можат да го замислат, но не и да го прифатат, денес исклучително важно е да одите некаде ,,на пијалок” бидејќи кафулињата и баровите се места за социјализација. Места каде што можeте да слушнете нова песна, да запознавате нови луѓе, да се забавувате и да се расположите со вашите пријатели. Иако, живееме во време на инфлација, кога сите секојдневно се бориме да преживееме финаниски, сепак духот бара и друштво и забава за да се растерети од постојаниот психички стрес, кој наспроти сите подобности кои ги имаме на дофат денес, го имаме и него присутен кај секој млад човек. Секако дружењето во кафуле или бар исто така чини, па денес еден пијалок чини од 150 денари па нагоре.
Што е со изборот на превоз кој ви е потребен за да стигнете до посакуваната локација? Кога еден млад човек живее во Центар, најверојатно не би требало да има проблем да оди пеш или пак со велосипед до некои од овие културни установи. Кога станува збор за младите луѓе кои не живеат во центарот на градот Скопје, живеат во некоја друга населба или во некоја од приградските населби може да се потврди дека треба да одвојат доволен број на финансиски средства со кои ќе ги покријат своите трошоци за превоз, најмалку во два правци. Јавниот автобуски превоз на град Скопје е постојано во функција, но прашањето е колку често во подоцните вечерни часови го има? На пример, доколку живеете во населба Радишани и сакате да присуствувате на концерт во МКЦ, треба однапред да го испланирате вашиот буџет, да обрнете внимание за средствата кои треба да ги обезбедите за превоз, средствата за социјализација и исто така да си го обезбедите билетот. Ако се земе во предвид дека и јавниот превоз не е секогаш најбезбеден во доцните часови, а вашиот дом е прилично оддалечен од настанот во Центар, ќе сфатите или пак знаете дека најголем број од вашите финансиски средства треба да ги одделите за да си осигурате безбедно патување до вашето населено место.
За животот на еден млад човек во главниот град на нашата република, кога ќе се земат сите фактори во предвид, се доаѓа до сознание дека животот на младите денес е скап.
Во просек, за еден млад поединец да посети два културни и социјални настани во текот на еден месец му се потребни околу 1.000 денари. Ако тука се додадат и трошоците за социјализација (пијалок) тоа би чинело дополнителни 1.000 денари. Трошоците за превоз и за останатите непредвидени трошоци да ги заокружиме на околу 1.000 денари. Ова значи дека на индивидуалецот на месечно ниво му се потребни околу 3.000 денари, што претставува повеќе од 10% од просечната плата во државата.
Покрај тоа што посетата на културни и социјални настани ви нуди голем број на бенефиции, сепак таа чини многу финансиски средства. Доколку навремено и паметно се планираат ваквите посети и дружби, поединецот може да заштеди на некој сегмент, со тоа што нешто ќе добие, а на нешто друго ќе треба да скрати. Во суштина, планирањето на буџетот за култура во време на инфлација е доста тешко. Како во иднина да се планира и така скромниот буџет на младите? Дали доколку се сведат на минимум трошоците за производите за лична употреба и хигиена? Дали доколку се сведат на минимум трошоците за облека и обувки, за нов ,,паметен телефон” или ,,паметен часовник’’,ќе можеме подобро да го запознаеме светот околу нас и што нас навистина не прави среќни или дали духовно ќе се збогатиме?
Сите овие прашања треба постојано да си ги поставуваме. Најдобро би било кога би можеле своеволно да се откажеме од некои крајно консумеристички навики за да можеме нашите пари да ги трошиме заедно со нашите пријатели и другари. Така ќе можеме да другаруваме – едно од најважните работи во живеењето.
Емилија Ристевска
Лектура: Е. М.
Емилија Ристевска е млад човек кој студира, живее и работи во Скопје. Честа гостинка е на дел од културните настани во Скопје. Сака да се социјализира, да живее во чиста животна средина и да ужива во своето слободно време, што го троши на свирки, изложби, театарски претстави и по некоја кино проекција на филм.