Заврши уште еден „Квир бунт“ во Социјалниот центар „Дуња“. По втор пат се организираше овој настан на кој присуствуваа многу млади луѓе обединети од истата желба за борба против сите оние кои ја репресираат ЛГБТИ заедницата.
Целта на настанот беше промовирање на идејата дека луѓето кои не се вклопуваат во калапот на наметнатата хетеронормативност, не се воопшто поразлични од сите останати, спротивно од ставот кој го имаат поддржувачите на одредени десничарски и конзервативни идеологии. Организаторите истакнаа дека е потребно е да се прифати фактот дека хомофобијата и трансфобијата само прават штета и не служат никому. Сите ние треба да бидеме бунтовни против овие идеологии и да се избориме за подобри културни вредности.
Настанот започна во 16:30 часот со зин работилница како прва активност. На работилницата присуствуваа околу 10 учесници. Секој од учесниците имаше можност да изработи свој зин на тема по личен избор. Како што беше потенцирано во описот на настанот, воопшто не беше важно да се биде уметнички надарен за да се учествува. Единствени предуслови беа да се одржува отворен поглед, да се има желба за споделување на личното мислење и да се има почит спрема останатите. Учесниците имаа целосна слобода во начинот на своето креативно изразување, па така зиновите брзо се исполнија со различни текстови, цртежи и колажи. Откако секој учесник заврши со изработката на своето дело, истите беа споени во еден колективен зин, кој подоцна беше споделен на социјалните мрежи. Меѓу текстовите се најдоа многубројни пораки, а дел од нив беа: „Никогаш не дозволувај да бидеш дефиниран од твојот опресор.“, „Нашата љубов ги надминува сите категории, сите ориентации, сите идентитети…“ и „Против полиција на Прајд“.
Можете да ја погледнете целосно оваа интересна изработка на следниот линк: https://fliphtml5.com/mrfwp/slwc?fbclid=IwAR2WffvDfAvEL4DYYiP2gbq3QIuDQm3JI7p5-0E5DoM-Q1_479FVlIcvIyc
Додека траеше работилницата полека се зголемуваше бројот на присутни во Социјалниот центар. Додека едни уживаа во сенката под дрвата во дворчето, други ги разгледуваа книгите од библиотеката на „Дуња“. Полека почнаа и подготовките за вториот, музичкиот дел од настанот. Прекрасно беше да се проследи целата весела атмосфера на млади луѓе кои се дружеа и си помагаа меѓу себе додека во позадина постојано се слушаа звуците на некоја музика по избор на присутните.
Во 19:30 часот J∆M го почнаа својот настап. Бендот се состои од Јана која пее и Магде која свири гитара. Присутните имаа можност да уживаат во акустичната изведба и да си ги потпевнуваат познатите песни кои беа дел од сет-листата на музичарките. Исто така постојано можеше да се забележи спонтано групирање на луѓе кои меѓу себе разговараа на различни теми од областите на културата, уметноста, политиката… Со оглед на тематскиот карактер на настанот сепак најпревалентната тема на дискусија беше положбата на ЛГБТИ заедницата.
После J∆M следеше настап на DJ Мартина Пенева. Мартина целосно ја загреа атмосферата и ретки беа тие што не станаа да танцуваат. Тоа беше одлична кулминација на вечерта и супер можност за опуштање на сите присутни, заедно со нивните нови познаници или стари пријатели со кои се познавале и пред настанот. Затемнувањето на светлата во дворот, допринесе кон создавање на разположение за танцување, после еден креативен и продуктивен ден.
Во склоп на настанот се продаваа беџови дизајнирани и рачно изработени од страна на организаторите на настанот. Беџовите беа со натписи „Attack the patriarchy“, „Queer Riot“, „Love is Love“, „Trans Pride“, „Bisexual Pride“ и уште многу други. Истите може да ги погледнете на сликите во галерија, а доколку некој од нив ви се допадне и сакате да го имате, може да се обратите на фејзбук страната од СЦ Дуња. Покрај тоа беа изложени и бесплатни зинови со информативни текстови околу овие теми.
Учесниците кои ги прашавме за импресии од настанот ни кажаа дека одлично си поминуваат. Слушнавме мислење дека „Потребни се повеќе вакви настани.“, а друг учесник кажа дека „Има голем диверзитет на музика и на карактери, а тоа резултираше со размена на многу мислења и чувства. Ваквите вечери ќе бидат запаметени во Дуња“.
Некој можеби би се запрашал зошто воопшто да се здружуваме на вакви средби, па би сакала да ја истакнам важноста на ваквите настани низ неколку реченици. Овие поенти беа потенцирани од страна на колективот на „Дуња“ не само на овогодинешниот, туку и на ланскиот „Квир бунт“. Голем дел од граѓаните споделуваат застрашувашки ставови на овие теми, а тоа ја зголемува потребата за менување на присутниот дискриминаторски наратив кон оваа заедница. Нашите сограѓани кои се перцепирани како „поинакви“ од широката конзервативна јавност постојано се мета на директни и индиректни напади, подложни се на институционална и правна нееднаквост, а својата љубов треба да ја кријат зад затворени врати. Истите тие проповедници на „семејни и религиозни вредности“ се оние кои физички ги напаѓаат нашите другари и другарки, ги навредуваат и понижуваат. Квир бунтот нуди простор и платформа за спротиставување на овој наратив.
Преку овој настан се испраќаат пораки за солидарност. Но можеби најважно нешто што се истакна меѓу пораките на овој квир бунт, како и на настанот од претходната година, е проблемот со самиот капиталистички систем. Ние не можеме целосно да се избориме за права и прифатеност на било кое поле, додека сè уште перзистира главната вредност што произлегува од системот – мотивот за профит. Квир бунтот истакнува дека сè додека постои експлоатација која сама по себе предизвикува класна поделба на луѓето, нема да можеме да ги искоренеме и поделбите на други полиња. Поделбата му служи на капитализмот и сè додека таа постои, ќе постојат и институции кои ја спроведуваат истата. За целосна слобода и еднаквост потребна е борба против системот кој ги угнетува сите, а воедно и ЛГБТИ заедницата. „Квир бунтот“ е бунт и против сите оние кои пристапуваат реформистички кон овој проблем и пробуваат борбата на оваа заедница да ја задржат во рамките на сегашниот неолиберален систем.
Така заврши и овогодинешниот „Квир бунт“. Со нас останува желбата и искрената надеж за промена. Но освен одржување на нашите ставови, важно е активно да превземеме чекори што се во наша можност за да придонесеме кон заедничката борба. Бидејќи во системот кој не репресира друг излез и немаме.
Симона Наумоска