Седум години после првиот нивен настап, оваа сабота (09.03.24) панк-џез триото Светлост со почеток од 21 часот, повторно ќе настапува во С.Ц Дуња, овој пат засилени со Глигор Кондовски на виолина и електроника.
СВЕТЛОСТ е обредна панк-џез дружина. Од својот деби концерт во Дуња, (2017 година) каде го свират материјалот што ќе стане албумот „Џез за работничката класа“, редовно се враќаат во својот духовен дом, каде секогаш презентираат нова, звучно и политички предизвикувачка програма. Освен свирки на различни локации, настапија и на скопскиот и прилепскиот џез фестивал, како и на Мент во Љубљана.
Авангардниот виолинист Глигор Кондовски од 2009 година ја гради својата импресивна дискографија, првенствено за ШАРЛА и ПМГЏезз. Кондовски е музички камелеон, кој со својот придонес во низа различни и разноврсни проекти тивко се гради во еден од најзначајните чинители на современата сцена.
Глигор Кондовски [виолина / електроника]
Нинослав Спировски [кларинет / сопран и тенор саксофон]
Кристијан Новковски [тапани]
Дени Омерагиќ [контрабас / електроника]
Влезница: препорачана донација за уметниците.