домаКултурни дописиПромоција на првиот печатен број на „Нова Искра“

Промоција на првиот печатен број на „Нова Искра“

Нова Искра - хартиена верзија
Нова Искра – хартиена верзија

Оваа сабота (22 Октомври) во Социјалниот центар „Дуња“, со почеток од 19:00 часот, ќе се одржи промоција на првиот печатен број од списанието „Нова Искра“, организиран од страна на марксистичката организација „Црвени“.

„Нова Искра“ е марксистичко списание кое до сега можеше да се најде само во електронска форма на веб-страната на организација „Црвени“. На страниците на списанието се испишани бројни текстови посветени на значајни појави во општеството и се обработуваат суштински прашања гледани низ рамките на марксистичката призма, преку што се допира до корените на проблемите кои произлегуваат од денешниот систем. „Нова Искра“ е списание кое нуди платформа за едукација и информирање на теми кои непосредно влијаат врз работниците и младите.

За прв пат, овој октомври ќе имаме можност „Нова Искра“ да ја читаме во печатена форма. Организацијата “Црвени“ во нивната фејсбук најава за овој број, пишува дека „Првиот печатен број на Нова искра е посветен на најгорливите проблеми на светско и локално ниво. Веќе силно се чувствуваат последиците од отворената војна во Украина, во форма на инфлација која му нанесува нов удар на и онака кревките и ранливи капиталистички економии низ светот со дополнителна закана од нова рецесија.

Присутните на настанот ќе имаат можност да земат примерок од списанието додека сите оние кои не присуствуваат а сакаат примерок, може да ги контактираат „Црвени“ преку порака на нивната фејсбук страна или да испратат меил на [email protected]. Солидарната цена на списанието изнесува 50 денари.

Во продолжение можете да го прочитате во целост описот на настанот, објавен од организаторите:

„Марксистичката организација „Црвени“ ве поканува на промоција на првиот печатен број на „Нова искра“ – марксистичко списание на работниците и младината.

Живееме во период на органска криза на капитализмот и наша задача како комунисти е да дадеме одговор на прашањата од каде потекнува оваа криза и како да изградиме сила која ќе го зајакне работничкото движење и ќе бара алтернатива на политичкиот, економскиот и општествениот систем.

На промоцијата присутните ќе можат да дознаат повеќе за организацијата и за концептот на марксистичко списание преку дискусија за темите кои се дел од новиот број на списанието.

Се гледаме на промоција!“

„Црвени“ е марксистичка меѓународна организација која ги обединува работниците и младите луѓе преку идејата за марксизмот. Целта на „Црвени“ е создавање на работничка партија која преку комунистичката агенда ќе воспостави владеење на работничката класа. Оваа организација има филијали во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Тие имаат два официјални билтени и тоа веб – страницата на „Нова Искра“ и „Црвена Критика“, списание на српско – хрватски јазик.

Се гледаме во сабота, на 22 Октомври, 2022 година во 19:00 часот во „Дуња“ да ја проследиме промоцијата.

Симона Наумоска

RELATED ARTICLES