домаUncategorizedРуфат Јашари: „Тетовирање“

Руфат Јашари: „Тетовирање“

"TaToO" by de Bierne is licensed under CC BY-SA 2.0.
“TaToO” by de Bierne is licensed under CC BY-SA 2.0.

„Тетоважите прават да изгледаш несериозно!

Никој нема да те вработи! Зар не помисли на тоа?“

„Ќе се каеш кога ќе остариш!“

„Како ќе изгледаат тие тетоважи на твоето тело кога ќе бидеш стар?“

Горенаведените дерогативни отповикувања се само неколку од најчестите пристапи кон луѓето исполнети од апсорбирање мастило на својата кожа, но и покрај општественото неодобрување и дискриминацијата со којашто се соочуваат, тие и понатаму продолжуваат да се тетовираат затоа што пасијата е многу поголема од било кој стереотип.

Иницијалниот наслов за колумнава ми беше „Стигматизацијата на тетоважите на работното место“, но потоа инстантно се сетив дека всушност стигматизацијата на тетоважите се случува во сите сфери на општеството, па преку социетална, системска и дискриминаторска тенденција на профилирање дојдов до идеја да го насловам пишувањето според култниот филм „Тетовирање“, како симбол за револт кон општествено-политичките и традиционалните стеги. Иако денес тетоважите се сметаат за мејнстрим и за општоприфатена појава, сепак дури и по триесетина години сè уште се судруваме и ќе се судруваме со луѓе кои мислат дека имаат превисока морална чистота која им дава право да осудуваат, да ги асоцираат тетоважите со криминал и да ги стереотипизираат тетовираните како „осуденици“.

"tatoo" by jaimebisbal is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.
“tatoo” by jaimebisbal is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.

Стигматизација на тетоважите на работното место

Честопати доаѓа до разочарување кај некои индивидуи кои се идеално компатибилни за одредена работна позиција, но добивањето на таа позиција е детерминирано од тоа дали постојат „видливи тетоважи“ и тоа го условува прогресот во нивната кариера која би можела да биде исклучително блескава и успешна, но за жал работодавачите ги анулираат сите високи квалитети и компетенции на апликантот заради тетоважите.

Легислативните органи за спречување и санкционирање дискриминација, за жал, низ целиот свет глобално, многу ретко ја класифицираат стигматизацијата на тетоважите на работното место или било која друга форма на дискриминација основана врз тетоважите, како таква. Тетовираните индивидуи се честопати жртви и на преференците на самите регрутери или на тие што ги спроведуваат интервјуата при вработување, иако можеби сопственикот на бизнисот не е против. Често, на „тешко тетовираните“ дури и им се реферира и преквалификација, иако се професионалци во својот домен, сепак им се препорачува „да се фокусираат на работи кои би можеле да ги извршуваат од дома“.

Стигматизација на тетоважите во рамките на семејството

„Си го осакати телото, во грев имаш влезено…“

За многумина кои имаат тетоважи, вистински хорор од овој тип им се случува во самото семејство, особено доколку потекнуваат од традиционални, религиозни и конзервативни заедници. Иако категорично одлучни за тетовирањето, сепак потсвесно откако ќе се истетовираат очајнички ги прикриваат тетоважите од домашните, вршејќи ментална тортура себеси со цел да не ги разочараат најблиските.

"Tatoo-Man" by Javier Sánchez. is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.
“Tatoo-Man” by Javier Sánchez. is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.


Откако ќе забележат, извесно време ќе осудуваат, а подоцна стигмата како да се повлекува, но сепак непријатното чувство ќе остане вмрежано во умот.

Перцепциите за тетовираните луѓе, за жал, изобилуваат во многу повеќе димензии кои не би можеле да бидат опфатени во ваков формат, но преовладуваат формите при кои луѓето со тетоважи се перцепираат како поединци со негативни навики, ниски нивоа на инхибиција, високи нивоа на промискуитет.

Како и при сите можни форми на дискриминација кон жените, така и во однос на тетоважите, без разлика дали во професионалниот свет или воопшто, во општеството тетовираните жени се многу полошо третирани во однос на тетовираните мажи.
Жените со тетоважи се изложени на атак дури и од женската популација, преиспитувајќи ја нивната женственост, тврдејќи дека мастилото на нивната кожа ја нарушува нивната убавина или коментари од типот „тетоважите се за мажите“.

Како всушност „нететовираната популација“ реагира на тетоважите, кои се мислењата кои циркулираат во секојдневието?

За многумина, тетоважите претставуваат прифатлив начин на „украсување на телото“ без разлика на големината или бројот на истите, додека некои имаат делумни/измешани ставови и различни сфаќања. Што се однесува до тематиката на тетоважите , „очекувано“, најмалку прифатливи и најзастрашувачки им се тетоважите со черепи, тетоважи со еротски мотиви, диви животни кои симболизираат агресивност, предаторство итн.
За повеќето луѓе, видливоста на тетоважите не влијае врз перцепцијата за љубезноста, професионалноста, компетентноста и доверливоста на службеникот/работникот, додека разбирливо, некои луѓе ги перцепираат како недоверливи, но за волја на вистината, општеството станува сè потолерантно со текот на времето па се надеваме дека и правилата околу вработувањето на луѓето со тетоважи ќе станат пофлексибилни.

Дотогаш, нам работниците ни преостанува да ги прикриваме нашите тетоважи, така што во продолжение, би навел неколку ефективни техники за прикривање на истите за време на работното време.

Облеката е еден од најлесните, најчестите и највообичаените начини, но исто така се практикуваат и коректори (како и друг вид козметика како фондација комбинирана со спреј за коса) специјално наменети за прикривање тетоважи на екстремитетите итн. Кај медицинските лица, исто така зачестена е и употребата на ракави кои наликуваат на мускулни стегачи. Тетоважите околу и во пределот на вратот успешно се прикриваат со косата или со носење ролки.

Како да им пристапиме на луѓето со тетоважи?

Во зависност од нивото на толеранција или природата на индивидуата, секој човек реагира различно особено во случај кога тотални странци им ги допираат тетоважите, затоа што некои тоа го доживуваат како инвазија на приватноста, а впрочем тетоважите и немаат некаква текстура. Имајте на ум, дека иако поентата на тетоважите е да се визуелно визибилни, сепак, не секој се чувствува комфортно да го сподели и значењето на истата, но сосема е во ред доколку прашате за артистот кој ги изработува нивните тетоважи.
Обидете се да не бидете критички настроени или барем не споделувајте си ги негативните мисли доколку немате комплимент за споделување. Дури доколку и самите сте тетовирани, бидете свесни за можноста дека не секој би сакал да слуша/знае за вашите тетоважи и искуствата околу истите.

"tatoo 9" by wolfgangfoto is licensed under CC BY-ND 2.0.
“tatoo 9” by wolfgangfoto is licensed under CC BY-ND 2.0.

Прилично скапа, но истовремено поинаку скапоцена перманентна уметност, извор на бескрајна креативност и експресија. Тетовирањето поминало предолг пат на еволуција, почнувајќи од племенски обележја, маркирање робови, затворски тетоважи, тетоважи кои симболизираат припадност на одредена банда, морнарски, армиски тетоважи итн… самиот еволуирачки процес генерирал многубројни стилови, но и покрај нивното примарно значење – слободата, сепак не е препорачливо да се применат буквално сите, особено не оние кои симболизираат расизам, сексизам, мизогинија, национализам…

Покрај профилирањето, стигмата околу тетоважите, практикувањето на истите во многубројни култури и религии над 6000 години наназад, првенствено кажуваат премногу за тоа дали некогаш тетовирањето како појава ќе исчезне, а веќе сум љубопитен за тоа како тетоважите ќе изгледаат во иднината особено со веќе постоечките визуелни/светлечки ефекти со примена на електротехнологија.

Иако ретки, сепак ризиците и несаканите ефекти од тетовирањето се присутни, така што препорачливо е темелно да се информираме пред да се одлучиме за нашата прва сесија.
Сепак, според некои истражувања, постојат низа бенефити за имунолошкиот систем.
Имено, мастилото како надворешен елемент кое се нанесува врз нашата кожа, нашиот имунитет го напаѓа со антитела кои ги испраќа на местата каде што иглата врши убод, а истото асистира при заздравувањето на тетоважата. Истовремено ги намалува и нивоата на кортизол. Тетоважите, исто така, со себе носат и емоционална, психолошка компонента, односно создаваат вид чувство кое одржува конекција со некој што сме го изгубиле носејќи го нивниот портрет, или со самото тоа што ќе прикриеме одредени лузни, постои можност да ни се врати или подобри самодовербата, а на некои луѓе кои имаат потешкотии при социјализирање или недостиг на комуникациски вештини, им помага како стартер – поттикнувач на конверзација со други битија кои им приоѓаат интересирајќи се за нивните тетоважи.

Во мој стил, на самиов крај, повторно би го поставил прашањето: Дали всушност тетоважите денес се навистина проблемот или наметнатата визуелна перцепција на мнозинството?

Руфат Јашари

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Руфат Јашари / Rufat Jashari

Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист со југословенско-кубански карактеристики, дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и впрочем сите претежно левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и  со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.

RELATED ARTICLES